Работилница во Новаци, 6-7 ноември 2019 година
Општина Новаци успешно реализираше дводневна работилница за воспоставување на кластер за биомаса со партнери од Република Грција во рамките на проектот AGROWCHAIN – Одржливо управување со агро-отпад за руралните средини. Проектот е финансиран од ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу двете соседни земји.
Главен партнер на проектот е ДЕТЕПА – општинска компанија за греење во поширокиот регион на Аминдео и уште двајца грчки партнери, а од наша страна се Општина Новаци и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола.
Целта на состанокот е да се види до кој степен е имплементација на проектот „Одржливо управување со агро-отпад за греење на руралните области“ и што е направено со буџетот што им е достапен на партнерите.
Зелениот отпад од каналите и речните корита на општина Новаци ќе се претвори во биомаса што ќе се користи за загревање на градинката, амбулантата и горниот кат на Младинскиот центар во Новаци.
За оваа цел, Општина Новаци веќе ја набави потребната механизација (трактор, приколка, балирачка, специјална хидраулична рака за сечење на вегетацијата) за чистење и сечење на ниската вегетација од коритата на реките. Останува да се набави котел специјализиран за биомаса.
Буџетот на општина Новаци е 216 илјади евра, а буџетот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството е околу 50 илјади евра.
– „Ова ќе придонесе за заштита на животната средина. Ние сакаме да им покажеме на граѓаните дека постојат алтернативни извори на енергија. Од една страна ќе ги исчистиме речните корита и ќе се заштитиме од поплави, од друга страна ќе се загреваме и нема да загадуваме. Како локална самоуправа, имајќи го предвид нивото на загадување во нашата општина, ги следиме европските регулативи и пристапуваме кон алтернативни извори на топлина за да го намалиме загадувањето. Ние размислуваме зелено, еколошки, иновативно и економично“, рече во својот говор градоначалникот Љубе Кузманоски.
видео: https://www.youtube.com/watch?v=kEmqv1ZYx_g